Друго делување - Зачувување на шумите

Назив на проект: Зачувување на шумата-инвестиција во иднината

Опис на проектот: Проектот имаше за цел подобрување на соработката на заинтересираните страни за намалување на дивата сеча (дивокрадството) како и зачувување на шумскиот фонд како природно богатство на Р. Македонија. Во реализација на проектот беа опфатени НВО од регионот, општини, институции директно поврзани со проблемот на дивата сеча како и заинтересирани граѓани од југоисточниот регион.
Беа формирани 4 тимови за мониторинг кои беа одговорни за вршење на надзор на повеќе институции од југоисточниот регион. Тимовите посетуваа работилници за развој на методологии и беа одредени институции и општини кои ќе бидат мониторирани. Обучените тимови пристапија кон прибирање информации и податоци за состојбата со дивата сеча на шумите и уништувањето на шумскиот фонд и изработија извештаи со заклучоци и препораки. Извештаите во консултација со стручно лице беа сумирани во еден завршен извештај кој беше претставен на 3 (три) конференции за медиумите.
Проектниот тим заедно со партнерите, претставници од релевантните институции и членови на неколку урбани и месни заедници во југоисточниот регион избра локации каде ќе се спроведуват заедничките активности. Беше изработено лого, мото и маскота на активноста како и еко-шумски Манифест со кој беа повикувани граѓаните да се мобилизираат и да кажат СТОП за дивата сеча и уништувањето на шумите.
Во исто време на три различни места од југоисточниот регион се реализираа заеднички активности. Почетокот на активностите се означуваше со читање на Манифестот од страна на Маскотата. Беа уредени деградираните места со засадување дрвца. На крајот децата од училиштата се претставија со изложба, изведоа представа на тема зачувување на шумите – стоп за дивата сеча со што пратија порака до сите учесници на активноста и пошироко. Со тоа официјално беа затворени активностите. На изложените книги граѓаните можеа да дадат свои забелешки, предлози и препораки за идни активности.
Проектот резултираше со: зајакнати капацитети на еко-НВО од регинот за вршење надзор над институциите поврзани со проблемот, препораки за надлежните институции за подобрување на состојбата со дива сеча и уништување на шумите, формирана мрежа помеѓу НВО од регионот, креирана стратегија за заеднички настани и активности на вклучените НВО-и во регионот, мобилизирани граѓани во активноста за заштита на шумскиот фонд.
Во спроведувањето на проектот учествуваа: НВО-и од регионот (Здружение „Јавор“ од Нов Дојран, „Екумена“ од Василево и „Виножито“ од Штип).

Период на имплементација : септември 2012 до октомври 2013

Донатор: УСАИД, Фондација Отворено Општество