Развој на алтернативен туризам

Алтернативните форми во туризмот претставуваат спротивност од она што ни го нуди масовниот туризам (море, сонце, песок). Алтернативниот туризам понекогаш се поистоветува со терминот „одржлив туризам“ како резултат на неговaта основна цел да влијае што е можно помалку негативно на животната средина и врз населението кое живее на тоа место. Алтернативниот туризам може да се подели на видови според различни критериуми, на пример според просторот на кој се одвива туристичкото патување (приморски, планински, бањски, езерски, селски, градски), според специфичноста на патувањето (еколошки, културен, здравствен, ловен, религиски), итн.

Југоисточниот дел на Македонија е доста погоден за развој на алтернативни форми на туризам бидејќи располага со богато природно, културно и историско наследство. Во прилог оди и фактот што овој регион граничи со две држави (Република Бугарија и Република Грција) така што регионалното поврзување и интегрираното управување со заедничките природни ресурси и богатства е можност за соработка, зголемување на потенцијалите учејќи едни од други и збогатување на туристичките понуди.

Алтернативниот туризам е стратешка определба на Планетум поради неговото значење за зачувување и унапредување на природните богатства и реткости, но и за економската состојба на населението во југоисточниот регион на Македонија. Планетум е организација која прва во регионот овозможи обука на неколку угостителски работници за сомелиери и изработка на првиот туристички водич за регионот околу планината Беласица на трите страни од границата. Планетум заедно со партнер од Бугарија ја креираше и веб страницата www.belasitsa.com која содржи информации за потенцијалните туристи во регионот на планината Беласица. Заедно со партнери од Бугарија и Грција ги организираше првите младински летни кампови за еко-туризам на трите страни од границата.

Од март 2017 година, Планетум е официјално дел од мрежата European Green Belt која се залага за конзервирање и реставрирање на заедничкото природно наследство со почитување на економските, социјалните и културните потреби на локалните заедници.