Управување со отпад

ЕД Планетум е првата невладина организација во Република Македонија која започна да се занимава со прашања поврзани со пластичен отпад и прва организација која изврши мерење на количините на различни видови цврст комунален отпад (пластика, стакло, хартија, биоразградлив) од неколку домаќинства и ресторани од градот Струмица чии резултати беа користени од повеќе организации и институции. Како резултат на работењето на Планетум се поставија првите еко-острови во градот Струмица за селекција на пластика, хартија и комунален отпад. Со помош на Планетум сите општини во струмичкиот регион (Струмица, Василево, Босилово и Ново село) добија по 20 контејнери за ПЕТ пластика.

Намалувањето на загадувањето од цврст комунален отпад во регионот останува една од клучните потреби и во следниот период. Организираната услуга за управување со цврст комунален отпад, која е пред сè во надлежност на јавните комунални претпријатија (ЈКП), во голема мера е концентрирана во урбаните средини (поголемите градови и села) што ги остава најголем дел од помалите и руралните населби без каква било организирана услуга. За регионот како целина, процентот на неопслужено население наспроти вкупното население изнесува 29%; Сепак, процентот на неопслужено население варира помеѓу минимумот од 0% во Богданци до над 88% во општина Конче. Нецелосно организираниот систем на собирање на отпад од сите населени места во регионот, но и ниската свест на населението, придонесуваат за создавање на голем број диви депонии и ѓубришта покрај јавни патишта, во речни корита, итн. Покрај тоа, селекцијата на одделни видови комунален отпад, посебно пластичен отпад, не е целосно ефективна што го зголемува проблемот со загадувањето од цврст отпад.